top of page

„Хамлетмашина“ нова премиера во Битола

























Битолскиот театар се подготвува за најновата премиера и последна за оваа сезона „Хамлетмашина“, која ќе биде изведена на 29 декември на нова, алтернативна сцена. Работена е според текст на Хајнер Милер, а во режија на Андраш Урбан, гостин од Србија. Поради експлицитните сцени и јазикот што се употребува, не се препорачува за помлади посетители од 16 години. „Хамлетмашина“ е со жанр кој досега не бил на сцената на овој театар, велат од БНТ, најавувајќи ја како фестивалска претстава. „Дојдов да режирам во театар кој е подготвен за работа. Актерската екипа се покажа максимално подготвена и отворена за соработка. Ова не е исклучиво драмски текст, туку претставата се раѓа во еден процес. Оваа претстава е само до 30 проценти по текст на Милер, останатиот текст е од драматургот и актерите“, рече Урбан, кој овој проект го најави како игра, но во исто време и како лага. „Кога бев млад, цело време велев дека театарот е мртов сериозен и сега го велам тоа само додавам дека, сепак, тоа е само приказна во театарот“. Драматург на претставата е Билјана Крајчевска, а композитор Силард Мезеи. Музиката за оваа претстава е снимена во живо и напишана за гудачки квартет и тапани. Од актерите во претставата се ангажирани Борче Ѓаковски, Валентина Грамосли, Иван Јерчиќ, Илина Чоревска, Маја Андоновска, Никола Пројчевски, Огнен Дранговски, Соња Михајлова, Сашо Огненовски и Соња Ошавкова. „Младите луѓе се целна група на оваа претстава и посакувам да ја гледаат во поголем број. Кога ќе ја изгледаат, ќе можат да си постават некои прашања и потоа да ги одговорат“, рече Чоревска. За оваа претставата е интересен и плакатот што асоцира на сонцето од Вергина. Директорот и сценограф на претставата, Валентин Светозарев, вели дека сонцето со 16 краци е само симбол. „Јас сум еден од авторите на плакатот и немам да раскажам приказна за тоа зошто го ставивме. Го користам само како графички знак, симбол што нешто говори“, рече Светозарев. Претставата ќе се одигра во новата сала. Новиот простор е петти во големиот објект во која се сместени Битолскиот театар и Центарот за култура каде што може да се изведуваат театарски претстави, концерти, перформанси, изложби. Битолскиот театар годинава одигра 134 претстава на матичната сцена. Од театарот најавуваат дека е се' поизвесно со претставата„Хенри Шести “да гостуваат и во Њујорк. Но, за патувањето во САД засега не откриваат детали.

bottom of page