„ТАРТИФ“ за почеток на новата сезона 2013
„Тартиф“ од Молиер во режија на Сашо Миленковски е претставата со која Битолскиот народен театар ќе ја стартува новата сезона. Премиерата се најавува за март, а музиката ќе ја работи Венко Серафимовски, сценографијата Зоран Николовски, додека костимите Благоја Мицевски. Инаку, Миленковки се враќа на матичната сцена во Битола по 13 години. Режисерот во иронија се заблагодари што повторно добил шанса да режира во Битола. „Пред се', да се заблагодарам што, еве, се сетивте на мене да дојдам по 13 години во Битола, ем да направиме добра претстава ем да се подружам со мајка ми и татко ми, бидејќи тие овде живеат и ова е одлична прилика да се видиме“, рече Миленковски, нагласувајќи дека е многу задоволен што актуелното раководство успеало да го врати Битолскиот театар на славната патека. Според него, „Тартиф“ е интересна приказна која зборува за лековерноста на луѓето. „Оваа приказна ја поврзуваме со оние религиски прашања кои во последно време станаа популарни. Сите научивме за чакри, за Саи Баба, за фреквентно лечење. Ние не си играме мајтап со тоа, но сакаме да го земеме само забавниот појавен момент. Ако парите се религија, тогаш и ТАТ банка е тарот-проблем на лековерноста на луѓето“, рече Миленковски. Според музичарот Серафимовски, во „Тартиф“ актерите ќе пеат, најавувајќи претстава која ќе комуницира со публиката. „Но, не очекувајте дека тоа ќе биде музичка претстава, тоа ќе биде еден Тартиф, кој ќе гледаме да го оживееме овде со овие млади луѓе кои имаат енергија која импресионира. За мене прашање е: што не како музика, а што да како музика“, рече Серафимовски. Во овој проект се ангажирани актерите: Васко Мавровски, Јулија Стефановска, Огнен Дранговски, Филип Мирчевски, Маја Андоновска, Митко С. Апостоловски, Менка Бојаџиева... Инаку, според Националната програма за култура, Битолскиот народен театар доби поддршка за четири проекти од Министерството за култура. Но, од театарот се надеваат дека надвор од оваа програма ќе бидат направени уште барем три премиери. Државата ќе ги поддржи „Тартиф“, „Хеда Габлер“ од Хенрик Ибзен во режија на Ѕвезда Ангеловска, „Розенкрајнц и Гилдестерн не се мртви“ од Том Стопард, која ќе ја режира Никита Миливоевиќ, а се подготвува и еден нов македонски текст за претстава што ќе ја режира Мартин Кочовски. БНТ доби задача годинава да го организира новиот театарски фестивал „Битола Шекспир фестивал “ и планира да го отвори со претставата „Ромео и Јулија“ кој е заеднички проект со театарот од Русија, Вера Комесаржевскаја, МОБ, „Охридско лето“ и Охридскиот театар.