top of page

ШЕКСПИР Е НИЧИЈА СОПСТВЕНОСТ

  • sergej568
  • Jul 23, 2013
  • 3 min read

Светските театарски експерти на панел-дискусијата „Шекспир денес“ во Битола најавија продлабочување на соработката со актерите од Македонија

Елена Ангеловска „Врските меѓу Македонија и Шекспир се далечни и длабоки и датираат од почетокот на минатиот век кога штипјанецот Тодор Лазаров почнал да преведува дело од Вилијам Шекспир“, посочи Јордан Плевнеш, ректорот на Универзитетот ЕСРА во Битола на завчера одржаната меѓународната панел-дискусија на првото издание на „Битола Шекспир фестивал“. На неа за делото на Вилијам Шекспир говореа еминентни театарски имиња од САД, Русија, Велика Британија и Македонија. „Шекспир во Македонија прв пат е преведуван во затворите во Битола, Солун и Дамаск од македонскиот политички затвореник Тодор Лазаров, кој во 1905 година по поразот на Илинденското востание бил осуден на 101 година затвор и во овие три затвори го преведувал делото ’Ричард Трети’ од Вилијам Шекспир“, истакна Плевнеш. Театарските експерти од Велика Британија, САД и Русија на панелот во Битола беа едногласни во квалитетот и понудата на премиерата на „Битола Шекспир фестивал“ и најавија продлабочување на соработката со актерите од Македонија. „Има многу градови во светот што се синоним за Шекспир и се надевам дека и Битола ќе биде дел од градовите во светот што се нераскинливо врзани со неговото дело. Во светот постои голем ентузијазам за делата на Шекспир и затоа имаме возбудлива идеја во 2014 и во 2016 година да овозможиме продукции на Хамлет од сите страни на светот и да ги презентираме во театарот во Лондон за што преговараме со битолскиот театар што значи дека нашата соработка продолжува“, посочи Том Брд, извршен продуцент на „Глоуб театар“ во Лондон. На отворената панел-дискусија Рандал Мартин, професор на Универзитетот „Њу Брансвик“ во Канада предочи дека Британците во минатото Шекспир го сметале за лично право и производ за извоз, но со глобализацијата во светот Шекспир се интернационализира и стана културен катализатор за промени во перцепцијата на културата, односно медиум за културна размена меѓу различните народи. „Чувството дека Шекспир е ничија сопственост се потврдува со фестивалот во Битола каде што разбираме што е тоа што ги поврзува сите актери и режисери, а тоа се универзалните атрибути на театарот кои уште повеќе се истакнуваат кога Шекспир се игра на други јазици, а не само на матичниот, англиски јазик“, рече Мартин. Рената Сотироиди, режисер во театарот „Таганка“ во Москва, истакна дека големината на Шекспир е во тоа што во кое било време тој да се гледа, публиката може да разбере што се случува и затоа сите актери се залагаат за врвно актерство кога играат во неговите дела. Вјачеслав Тересченко од истиот театар, пак, посочи дека во Русија има повеќе од 600 државни театри кои задолжително во текот на годината имаат по една претстава од Шекспир, а следната година ќе бидат одбележани 450 години од неговото раѓање. Одлуката за организирање на „Битола Шекспир фестивал“ според Џон Блондел, професор и директор на театарот „Лит Мун“, во Санта Барбара, САД, овозможи да се отвори уште место во светот што ќе генерира совршено актерство. „Восхитен сум и воодушевен сум што сум во Битола и се чувствувам како дома. Валентин Светозарев и Благој Мицевски создадоа раскошна воодушевувачка вртоглавица од светови што се генерираат одново и токму од Битола. Привилегијата да сме на едно место заедно со актери од различни држави со различни енергии овозможува да се создаде еден збир на тие енергии, производ кој пулсира и инспирира за идни толкувања на Шекспир“, истакна професорот Блондел на панел-дискусијата.

Вечерва „Бура“ на „Лит Мун“, САД „Битола Шекспир фестивал“ вечерва продолжува со претставата „Бура“ во режија на Џон Блондел, а во изведба на ансамблот од театарот Лит Мун од Калифорнија, САД. Претставата ќе биде изведена на новата сцена на Народниот театар - Битола во 20 часот.

Извор:

http://www.utrinski.mk/default.asp?ItemID=B3F090AE956D04479D2E2D95BFEF6C5E

 
 
 

Comments


СЛЕДЕТЕ НЕ
  • Facebook Basic Square
  • Twitter Basic Square
  • Google+ Basic Square
ПРЕПОРАЧУВАМЕ
НАЈНОВИ
АРХИВА

© 2023 by Electric Films. Proudly created with Wix.com

СЛЕДЕТЕ НЕ:
  • Facebook Classic
  • c-youtube
bottom of page