Премиера на „Кокошка“ од Кољада
- sergej568
- May 1, 2014
- 1 min read
Режирана од битолскиот актер и стендап-комичар, Марјан Ѓоргиевски, по текстот на драматургот Николај Кољада, „Кокошка“ претставува своевиден театар во театар, во која ликовите постојано живеат во исчекување на поубави нешта, а честопати, во исто време, со покајнички копнеж по она што поминало.

Ја прифаќаме сегашноста како нешто само привремено и не ја сметаме за ништо друго, освен како пат кон исполнување на нашата цел. Затоа повеќемина на крајот на животот обѕрнувајќи се, сфаќаат дека го проживеале својот век без да почувствуваат дека го вкусиле и ќе бидат изненадени кога ќе увидат дека она што го пропуштиле незабележано и неискусено бил токму нивниот живот. Празен, здодевен, банален, истакна Марјан Ѓоргиевски, за кој „Кокошка“ претставува првенче во режисерските води.
Николај Кољада, прифаќајки ја драмата на својот живот како свој живот, неговите ликови создаваат можност да се прифатат себеси како луѓе, а со тоа и светот на сопствените можности како добар свет за себе.

„Кокошка“ е одраз на современото театарско живеење, која опфаќа една универзална тема разбирлива и препознатлива секаде во светот. Како дел од современите текстови во руската драматургија, претставата за нас претставуваше театарски предизвик, рече сценографот Валентин Светозаров.
Исклучителната екипа која работеше на оваа претстава покрај Јулијана Мирчевска, е составена и од Катерина Аневска, Соња Ошавкова, Александар Димитровски и Никола Пројчевски. Драматург е Оливера Павловиќ, а светлото на Димче Спасевски. Инспициент е Митко Ивановски и Димитар Михајловски, а суфлер Радојка Димеска.
Средствата од билетите на премиерата ќе бидат наменети за погодените региони од поплавите, со желба и надеж дека тие наскоро ќе станат минато.
Comments