top of page

Џон Блондел: Битола неделава е мојот дом...

  • sergej568
  • Jul 20, 2014
  • 2 min read

Вака познатиот театарски деец од Санта Барбара, САД, го квалификува своето присуство во градот на конзулите на "Битола Шекспир фестивал", што се одржува по вторпат, потенцирајќи дека ова е едно од ретките места каде што Шекспир ги собира театрите од сите можни точки и меридијани од светот

Со мексиканскиот "Хенри IV" се отвори вториот по ред фестивал посветен на магот на драмата на сите времиња, Вилијам Шекспир. Непосредно пред да се кренат завесите за актерите гостинот, но и нам веќе добро познатиот Џон Блондел, кој ја режираше битолската "Хенри IV", не го криеше задоволството што се наоѓа токму тука во Македонија во градот на конзулите:

Од денес и во деновите од нареднава недела Битола е мојот дом... Не само затоа што го сакам овој град, туку и пред се, токму овде во името на некогашниот мал актер од 16 век, кој многу брзо прерасна во најизведуваниот драмски автор на сите времиња. Тој, Шекспир, не собра во негова чест. Идејата за ваквиот собир потекнува од "Глоуб фестивалот", од кој, пак, произлегоа оној во Полска и оној во Романија, па потоа овој во Битола, а по него од неодамна и најновиот, во Нови Сад... Јас, на пример, доаѓам од Санта Барбара, САД и таму се игра Шекспир. Ова е доказ дека во сите точки и меридијани на светот се игра и гледа Шекспир. Затоа, ви пожелувам добредојде", рече Блондел, а ова последново го изговори на македонски. Градоначалникот на Битола, Владимир Талевски, кој и самиот е актер, не заборави да потенцира дека Битола е градот во кој од Македонија најмногу е игран Шекспир. "Од сите наслови одиграни на битолската сцена, јас играв во половината. Затоа, бев исправен пред дилемата како да ви се обратам. И најверојатно, затоа ќе настапам од двете позиции, бидејќи сега додека сум овде на сцената Шекспировите ликови ѕиркаат од секаде, а како градоначалник на Битола горд сум што во мојот и ваш град се собира светската елита во име на човекот, кој и самиот рекол "Светот е сцена"...", рече Талевски, прогласувајќи го фестивалот за отворен.

А на сцената ги видовме разиграните, енергични, полни со посветеност и внимание кон она што го прават актерите на Националниот театар од Мексико и нивниот "Хенри IV"... Небаре ја гледавме Шекспировата патувачка театарска група која од 16, век како да се пренесе сега и овде во веќе навлезениот 21. век...

За својата игра и посветеност актерите и режисерот Хуго Аревилјада Серано го добија заслуженото - огромен нескриен аплауз, кој траеше повеќе од десет минути...

Вчера ги видовме актерите од Театар Комедија од Скопје во "Многу врева за ништо", режирана од Дејан Пројковски. Актерите, покрај тоа што "правеа врева", пееја, танцуваа, па дури и свиреа. За вечерва на сцената на Битолскиот театар е закажана средба со актерот Булент Емин Јарар, кој преку монодрама ќе ни го предаде "Хамлет" (20.30 ч.) во режија на Ишил Касапоглу.

 
 
 

Comments


СЛЕДЕТЕ НЕ
  • Facebook Basic Square
  • Twitter Basic Square
  • Google+ Basic Square
ПРЕПОРАЧУВАМЕ
НАЈНОВИ
АРХИВА

© 2023 by Electric Films. Proudly created with Wix.com

СЛЕДЕТЕ НЕ:
  • Facebook Classic
  • c-youtube
bottom of page