БИТОЛА ШЕКСПИР ФЕСТИВАЛ Желбата за власт употребена како лајтмотив во претставата „Отело“
- sergej568
- Jul 24, 2014
- 2 min read
Шестиот ден (24 јули) на второто издание на „Битола Шекспир фестивал" е резервиран за домаќините од Народен театар Битола со претставата „Отело" од Шекспир во режија на гостинот од Словенија – Диего де Бреа.

Претставата е едно реално видување дека и најмоќните луѓе имаат чувствително место кое може да се скрши. Текстот е приказна за еден човек кој има целосна контрола врз себе, но влегувајќи во параноидна состојба, се соочува со љубомора и на крајот завршува трагично, што, всушност, е дел од мајсторството на Шекспир.
Актерите во претставата се отвораат себеси. Текстот не е прагматизам и не е рационален текст, туку говори за тоа дека љубомората се јавува од ништо. Зборува за тоа како една банална работа може да уништи една империја, а тоа се случувало отсекогаш во историјата.
Темата во ова време во кое живееме, во секоја смисла, е многу актуелна. Тоа е цивилизациска тема која ја третира војната, љубовта, верата, а, всушност, најмногу се занимава со тоа што Пандорината кутија на нашето време е желбата за власт.
„За мене како режисер секогаш предизвик е сензацијата на сцената и затоа дадов максимален простор на актерот“, истакнува Диего де Бреа.
Режисерот Диего де Бреа студирал светска книжевност и историја на уметноста на Филозофскиот факултет во Љубљана. Во 1995 година започнал со студии за театарска режија на Академијата за драмска уметност, радио, филм и телевизија Љубљана. Она со што го привлече вниманието на јавноста беше неговата имагинациска дипломска претстава „Светилка која се раѓа“, која е наградена во 1999 година на Меѓународниот театарски фестивал од студентска продукција во Брно, Чешка. За своите проекти често и самиот е и сценограф и костимограф. Неговите претстави бележат успех на гостувањата низ Европа и Јужна Америка.
Со неговата претстава „Отело“ подготвена во Народен театар Битола стартуваше и годинашната драмска програма на фестивалот „Охридско лето“.
Второто издание на „Битола Шекспир фестивал“ ќе трае до 26 јули, а се одржува со финансиска поддршка на Министерството за култура и општина Битола, соопштија организаторите на фестивалот.
Comments